Три „Пластикмати“ за рециклирање во кумановскиот регион – за секое шише граѓаните добиваат поени за пазарење

Граѓаните од кумановскиот регион ќе може пластичниот отпад да го рециклираат, а за тоа да добијат поени за пазарење. Станува збор за три машини наречени „Пластикмати“ кои беа поставени како дел од проектот „За чист град“.

Локалните власти согледале дека еден од проблемите во североисточниот регион е пластичниот и алуминскиот отпад од шишиња и лименки, со чие неконтролирано фрлање, се создаваат диви депонии и се загадува животната средина.

За овој проект, од државниот буџет биле одвоени 2 милиони денари, а партнери се „Пакомак“, ООУ „Крсте Мисирков“ Куманово  и ЈП Чистота и зеленило, Куманово.

„Поставени се 3 вакви машини, во три поголеми маркети, во општините Куманово, Липково и Крива Паланка. Целта на поставувањето на овие машини е да се мотивираат граѓаните што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селективно одложување отпад. Со самото учество во процесот односно депонирањето на шишиња и лименки во ‘Пластикматите’, граѓаните ќе бидат соодветно наградени со поени кои се конвертираат во денари и кои граѓаните ќе можат да ги искористат за купување на производи во маркетите каде се поставени ‘Пластикматите’“, појасни министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Од компанијата Пакомак, преку ‘Пластикматите’ кои се домашно производство, очекуваат да бидат собрани од 300 до 400 шишиња дневно од една машина, односно од 900 до 1200 шишиња дневно од сите 3 машини, да има 100 проценти поврат на пазарната вредност на пластичната амбалажа/алуминиумот односно од 0.4 до 0.5 денари по шише.

Според амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер, на овој начин, преку стимулација за селекција и реупотреба на отпадот, граѓаните ќе се едуцираат за бенефитите од рециклирањето и ќе се вклучат во самиот процес помасовно, со крајна цел намалување на загадувањето и заштитата на животната средина.

„Ризиците што произлегуваат од климатските промени, деградацијата на животната средина и природните опасности значително влијаат на отпорноста на системите и заедниците. Заштита на животната средина е глобален проблем и заедничка одговорност и на државите и на граѓаните. Подигањето на свеста за околината и третманот на отпад е клучен прв чекор. Но, само свеста не е доволна. Треба да ги имаме вистинските алатки и партнери на терен што ќе го градат и управуваат системот што ќе им овозможи на граѓаните“, изјави Зутер.

Според проценките, планирано е од  1000 до 1500 потрошувачи-граѓани кои рециклираат да го употребуваат ‘Пластикматот’.