[Видео] „Проект Куќа“ – хуманитарен ТВ проект за реновирање домови на загрозени семејства

Здружението „Проект Среќа“ најавува телевизиски хуманитарен проект преку кој ќе се реновираат или изградат нови домови за семејства кои живеат во тешки услови.

Здружението веќе ја објави пилот емисијата наречена „Проект Куќа“ во кој му помагаат на семејството на Ајнур Симоновски, самохран татко на 5 дечиња.

„Идејата беше да се реновираат или изградат од ново домови, каде живеат семејства со деца, во многу тешки услови, и без основни услови за живот. Кога го започнавме проектот немавме никаква идеја дека ќе го снимаме. Во текот на припремата, и барањето спонзори и донатори со големи срца, кои би се вклучиле, и заеднички би изградиле среќа за многу деца, сфативме дека одзивот на компаниите би бил многу поголем кога тие за возврат би добиле реклама за тоа. Си рековме, ако тоа значи дека на тој начин ќе изградиме многу поголем број домови, тогаш во ред, се сложуваме да снимаме емисија. Со помош на пријатели, волонтери, добри луѓе, општествено одговорни компании, ја снимивме оваа прва пилот емисија, односно првата куќа која ја направивме. Ја започнавме во февруари 2020 а завршивме 12 март 2020“, објаснува Кристина Арнаудова, авторка на емисијата и основач на Здружението „Проект Среќа“.

Таа објаснува дека идејата за емисијата била инспирирана од проектот ,,Топол дом за сите“, кој Здружението го започна во декември 2019 година.

Целиот процес на изработката на емисијата траел 1 месец, без никаков буџет за снимање. Проектот во моментов е ставен на пауза поради пандемијата со Ковид-19.

„Дали ова емисија ќе продолжи да постои, зависи од тоа дали нашите телевизии ќе сакаат вакво нешто во својата програма. Овој проект го ставивме на пауза, бидејќи на денот кога ја завршивме куќата, СЗО програси пандемија на Ковид 19 и моравме да запреме привремено. Ние имаме желба и волја, и капацитет, да создадеме среќа за многу деца, а знаеме и дека можеме, благодарение на сите вас. Со снимање би продолжиле на пролет, домовите се веќе одбрани, и се низ целата земја, донатори имаме најмногу за внатрешно уредување, додека најтешко ни е да најдеме мајстори, компании за фасади и кровни конструкции. Очекувам дека и тоа ќе го најдеме и компаниите полека ќе се вклучуваат“, додава Арнаудова.