Новата администрација на САД климатската криза ќе ја третира како „итно прашање од национална безбедност“

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, го назначи поранешниот државен секретар Џон Кери за специјален пратеник за климатската криза во новата американска администрација.

Од транзицискиот тим на Бајден соопштија дека Кери целосно ќе се посвети на борба против климатските промени преку позицијата која за прв пат ќе учествува на состаноците за национална безбедност.

„САД наскоро ќе имаат власт која ќе ја третира климатската криза како итно национално безбедносно прашање, како што навистина е. Горд сум што ќе соработувам со новиот претседател, нашите сојузници и младите лидери од климатското движење како нов претседателски пратеник за климатски прашања“, напиша Кери на Твитер.

Како државен секретар во администрацијата на претседателот Барак Обама, Кери беше меѓу предводниците на меѓународната иницијатива за потпишување на Парискиот климатски договор, со кој земјите потписнички се обврзаа на намалување на стакленичките гасови за да се спречат катастрофалните невремиња, топлите бранови, поплавите и останатите климатски закани.

Но, откако ја напушти функцијата во 2017 година, Кери беше жесток критичар на рушењето на климатските политики од претседателот Доналд Трамп, како и неговата одлука САД да го напушти Парискиот договор.

Еко-активистите ја поздравија одлуката угледна и исткната политичка фигура да биде назначена на оваа нова политичка функција.

„Назначувањето на Џон Кери е охрабрувачки сигнал дека САД ќе преземе чекори климатските проблеми да ги направи прашања од интерес на националната безбедност, но тоа е само еден чекор во она што мора да биде храбра, нова стратегија“, вели Брет Хартл, директор за владини политики во Центарот за биолошка разновидност.

„Бидејќи Трамп потроши четири години во блокирање решенија и охрабрување на фосилните горива, новата администрација мора да ја докаже нивната заложба за намалување на фосилните горива и да се однесува кон кризата како прашање на живот или смрт, како што заслужува“, додал Хартл.

Една од првите задачи кои веројатно ќе ги добие Кери е обезбедување поддршка кај републиканците во Конгресот за амбициозниот план на Бајден, кој во неговата програма ветуваше план во вредност од 2 милиони долари со кои драстично ќе се намалат штетните емисии преку создавање милиони нови работни места во секторот за обновлива енергија и други еколошки проекти.