„Скакулци“ на Багашов ја доби главната награда на „European Short Pitch”

Краткиот филм во развој „Скакулци“ на филмскиот автор Ханис Багашов ја доби главната награда на „European Short Pitch“ која ја доделува Регионот Бретања во Франција.

Наградата беше доделена на форумот за копродукција, кој се одржа од 12 до 15 ноември во партнерство со Европскиот фестивал на краток филм во Брест, откако претходно беше селектиран меѓу 12 најдобри проекти од повеќе од 160 пријавени. Настанот го следеа 103 филмски професионалци од Европа.

„European Short Pitch“ е паневропска иницијатива на ,,Ниси Маса” за поддршка на млади таленти во областа на краткиот филм, во чии рамки оваа година е и „Скакулци“, француско-македонска копродукција меѓу La Belle Affaire Productions од Франција и ОХО Продукција од Македонија.

„Скакулци“ е приказна за забранета љубов, отуѓеност и разбирање, која се одвива во текот на еден ден во магливо поле полно со скакулци.

На почеток од годинава, Багашов стана дел од талентите на Берлинскиот филмски фестивал – Берлинале, а неговиот краток филм ,,Мишко” беше прикажан на Сараевскиот филмски фестивал во 2018; сам го дистрибураше на повеќе од 70 меѓународни фестивали, а годинава ја предаде дистрибуцијата на белгиската компанија Радиатор – со што филмот стана достапен и на Амазон.

Жером Блесон од La Belle Affaire Productions (продуцент на овогодинешиот ,,The Lamb of God” од официјалната натпреварувачка селекција на Канскиот филмски фестивал), е продуцент и на долгометражниот проект во развој на Багашов, кој беше дел од осум месечната програма LIM – Less is More.

,,Многу сме трогнати од односот на двата протагонисти во приказната, и поетскиот и сенситивен пристап на авторот кон нив“, напиша во образложение жирото во кое членуваа Sarah Schlüssel (Berlinale Talents), Pierre-Emmanuel Urcun (Stank) & Radka Weiserová (Prague Shorts).

Во следниот период продукциите ќе работат на обезбедување средства за продукција, првично од филмските фондови од матичните земји.