Министерот за здравство доцент д-р Венко Филипче утрово се сретна со младите лекари кои се на приватна специјализација на клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, Клиниката за уво нос и грло и Кожната клиника кои сакаат доброволно да се приклучат во работата во ковид центрите на овие клиники. Како што соопштија од Министерството за здравство, се работи за триесетина млади лекари чија помош ќе биде добредојдена на инфективните одделенија.
„Како министер за здравство и како лекар ценам што покажавте желба и спремност да се влучите во работата во ковид центрите сега кога за тоа има голема потреба. Во тешки времиња се покажуваат желбата и спремноста на луѓето и тоа е за почит“, рече министерот Филипче.
Од министерството посочија дека денеска ќе се направи распоред за ротација на сите млади лекари и ќе бидат вклучени во работата во ковид центрите.
Минатата недела пак, здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) испрати отворено писмо до премиерот за мобилизацијата на специјализантите во Ковид-19 центрите, со реакција дека тие немаат ниту здравствено осигурување, ниту пак платени дежурства. Одговор на нивното писмо досега не добиле, велат за Радио МОФ.
Лекарите специјализанти бараат хумани услови за работа – здравствено осигурување и платени дежурства