Хотели во Рим примаат заболени од коронавирусот

Во нормални времиња, хотелот „Шератон Парко де Медичи“ е преполн со бизнисмени и туристи кои се во посета на Вечниот град, но поради пандемијата сега нив ги заменуваат заболените од Ковид-19 бидејќи болниците се преполни, пренесува босански „Н1“.

Овој хотел е меѓу петнаесетте хотели во Рим кои примаат пациенти заболени од Ковид-19, на околу 800 легла, од кои половина се веќе зафатени.

Хотелот Шератон кој има базен и кој се наоѓа во близина на терен за голф во јужниот дел на Рим на располагање стави 169 соби, каде може да се примат пациенти со симптоми, пациенти кои заздравуваат и пациенти чија состојба не е особено загрижувачка.

Таму е сместен и 23-годишниот болничар Кристијан.

„Медицинскиот персонал е присутен 24/7 и го прегледува секој пациент двапати на ден. Собите имаат резерви на кислород, затоа што е тешко да се дише во првите денови“, објаснува Кристијан.

Италијанскиот министер за надворешни работи Франческо Бокија изјави дека владата резервирала 15.000 хотелски легла ширум државата за пациенти заразени со Ковид-19.

Секоја соба чини 30 евра дневно, а за неа плаќаат регионалните власти. Медицинската помош е достапна, а персоналот на хотелите не доаѓа во контакт со пациентите.

Италија е првата европска земја која беше погодена од коронавирусот пролетта. Министерството за здравство објави дек вчера таму биле забележани 37.978 новозаразени и 636 смртни случаи од Ковид-19, а со тоа бројката на смртни случаи од почетокот на епидемијата се искачи на 43.589 луѓе.