Активисти од Тетово поставија „автобус дух“ пред автобуските станици

Група активисти од Тетово поставија „автобус дух“ пред автобуските станици во градот, за да потсетат дека иако се поставени автобуските станици за јавен превоз, се уште нема автобуси. Станиците се направени на неколку локации во градот, почнувајќи од влезот на градот, центарот (основниот суд) до универзитетската улица.

„Ако целиот процес не го завршиме по правиот редослед, не само поставување на станици, а не и набавка на автобуси тогаш ја доведуваме во прашање функционалноста на целиот процес“, велат активистите.

Тие потсетуваат дека тетовската градоначалничка најави дека паралелно ќе се прави набавка на автобуси, при што ќе се комплетираат станиците за чекање и стави во функција претпријатието за јавен превоз, најдоцна до Нова година. Затоа сега прашуваат дали автобуските станици ќе ги дочекат автобусите.

Акцијата велат дека е работена по препораки за заштита од Ковид 19, етапнo и од страна на различни автори.Акцијата „За прв пат во светот, автобус дух!” е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.