Лидерите од Западен Балкан потпишаа Декларација за зелена агенда

Лидерите на земјите од Западен Балкан, учесници на денешниот Самит во Софија во рамките на Берлинскиот процес, денес ја потпишаа Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан која има за цел да оствари јаглеродно неутрален континент до 2050 година, заедно со ЕУ, преку воведување во главните текови на строги климатски политики и преку преземање реформи на енергетскиот и транспортниот сектор.

Декларацијата на која се обврзаа властите од регионот предвидува и деполуција на воздухот, водата и почвата во Западниот Балкан како заеднички интерес и на земјите од регионот и на ЕУ.

Таа го опфаќа и земјоделието за имплементирање на политики за минимизирање на неговото негативно влијание врз животната средина и врз климата, како и за обезбедување на здрава храна по пристапни цени за граѓаните од земјите на Западниот Балкан и извозните пазари.

„Ќе треба да соработуваме поблиску во остварувањето на поамбициозни цели во кружната економија, одржливото земјоделство и производство на храна, и во биоразновидноста. Европската Унија јасно ја дава својата поддршка за зелена и дигитална транзиција на Западен Балкан. Сето ова треба да доведе до одржлив економски раст и креирање на работни места бидејќи Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда, заедно со Економскиот и инвестициски пакет на ЕУ претставуваат, креираат синергија со силна политичка порака, којашто ќе му помогне на Регионот на својот пат кон пристапување кон ЕУ“, потенцираше премиерот Заев во своето обраќање на пленарната сесија на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија.

Со оваа декларација земјите од Западен Балкан ги прифаќаат и европските политики за долгорочна стратегија за запирање на губењето на биодиверзитетот, заштита и обновување на еко-системите и биолошки диверзитет за што се предлагаат серија активности.

Покрај овој документ, лидерите потпишаа и Декларација за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ.