Филипче: Во сите болници во државава, освен во Струмица и Куманово има слободни кревети за ковид пациенти

Во Струмица и Куманово е полно, но во останатите болници има слободни болнички кревети за лекување пациенти со Ковид-19, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Како што појасни министерот, станува збор за капацитетите на инфективните и интерните одделенија кои сега се целосно пренаменети за третман на ковид пациенти.

„Огромен е притисокот во изминатите денови, меѓутоа со ова дополнително обезбедување на болнички капацитети, оспособување на интерните одделенија, припремата на кадарот, системот на ротација, апсолутно се обезбедени слободни капацитети и за периодот кој што доаѓа. Имаме план за сместување на пациенти на други интерни клиники и секако план за распоред на стручниот кадар, лекари, интернисти и медицински сестри кои што ќе работат со ковид пациенти“, посочи Филипче.

На вчерашната седница на Владата беше одлучено мерката за групирање на повеќе од четири лица после 21 часот, да важи во текот на целиот деноноќие. Министерот потенцираше дека одлуката е донесена поради тоа што и покрај укажувањата и апелите, во изминатите неколку денови имало собири на јавните површини и паркови за време на викендите.

„Ова е навистина еден тежок и комплексен период, мораме сите да сме свесни, да ги почитуваме мерките, да не се групираме, да не излегуваме од дома, освен ако нема некоја голема потреба. Заради тоа што капцитетите во болниците се преоптеретени, кадарот е преоптеретен. Еден дел од нив со месеци веќе работи со ковид пациенти, друг дел сега, практично од својата струка, од своите одделенија се пренаменети во ковид одделенија. Потребна е поддршка на здравствените работници, потребна е високо ниво на свест, заради тоа што само така може да ја пребродиме оваа криза, секој еден граѓанин да даде свој придонес“, порача Филипче.

Дополнителни мерки засега нема да се воведуваат, дециден е тој.

„Засега не, засега сметаме дека овие мерки се сосем доволни, еве ја и оваа дополнителна рестрикција, во смисла на забрана за групирање и дека во следниот период ако се почитува, ќе даде соодветни резултати“, вели Филипче.

Во земјава, бројот на активни случаи на Ковид-19, моментално изнесува 14.890 лица, додека вкупната бројка на дијагностицирани  од почетокот на пандемијата изнесува 40.275 лица.

М.К.