Милчо Манчевски прогласен за најдобар режисер на Фестивалот Рејнденс во Лондон

Милчо Манчевски ја освои престижната награда за најдобар режисер на Фестивалот Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот, каде неговиот филм „Врба“ ја имаше британската премиера.

Жирито, предводено од оскаровецот Џереми Ајронс, ги додели наградите во 8 категории, а „Врба“ имаше номинации во категориите за најдобар филм и за најдобар режисер.

Winners announced!

“Best Director” goes to Milcho Manchevski for his work on “Willow”

Watch Film Here: https://cinema.raindance.org/film/willow/

Posted by Raindance on Friday, November 6, 2020

На церемонијата која се одвиваше онлајн, Манчевски наградата им ја посвети на двете британски продуцентски легенди, Сајмон Пери, кој беше најзаслужен за да се случи неговиот прв филм „Пред дождот“, и на покојниот Ник Пауел, кој стои зад „Врба“.

Ова е трет трофеј што „Врба“ го освои во рок од 2 недели, откако минатата недела шпанската и американската премиера беа крунисани со престижната Сребрена палма во Валенсија, Шпанија и наградата за Најдобар филм на Фестивалот Синеквест во САД.

Британската премиера на „Врба“ на Рејнденс беше на 5 ноември во селекцијата Женски поглед. Организаторот на фестивалот го издвои „Врба“ како еден од хитовите на програмата.

Поради пандемијата на Ковид-19, 28-от Рејнденс годинава се одржа во хибридна форма, и онлајн и на живо во центарот на Лондон, со над 50 светски и британски премиери.