Климатски данок на месото побараа британски здравствени експерти

Голема и угледна група на здравствени експерти од Велика Британија повика на воведување климатски данок на храна која има силни влијание врз екологијата. Тие велат дека ваков данок треба да се воводе најдоцна до 2025 година доколку прехранбената индустрија доброволно не преземе акција за намалување на еколошкото влијанието на нивните продукти.

Здравствената алијанса против климатски промени (UKHACC) потенцира дека климатската криза нема да се реши единствено преку намалување на потрошувачката на храна која предизвикува еколошка штета, како што се месните и млечните производи. Сепак, тие додаваат дека поодржлива исхрана истовремено е и поздрава и ќе ги намали болестите.

Во нивниот последен извештај се наведени повеќе препораки, меѓу кои и стопирање на „купете едно, добивате две“ понуди за храна, за кои велат дека се штетни и за здравјето и за животната средина, како и за храната која брзо се расипува и која обично се фрла.

Тие исто така повикуваат на јавни кампањи за исхрана кои вклучуваат и климатски пораки, етикети на храната кои би го покажувале еколошкото влијание, како и 2 милијарди фунти годишно за подготвување храна во училиштата, болниците, домовите за стари лица и затворите која ги задоволува минимум еколошките стандарди.

„Не можеме да ги постигнеме нашите цели без да се осврнеме на нашиот систем на храна. Климатската криза не е нешто што треба да го гледаме како далечно во иднината. Потребно е овие прашања да ги сфатиме сериозно сега“, вели Кристин Баш, еден од коавторите на извештајот и директорка на Факултетот за јавно здравје.

Баш вели дека нивниот извештај не повикува луѓето да станат вегани.

„Само вели да се зголеми консумацијата на растителниот протеин. Тоа е едноставна порака која е поддржана од здравствените организации низ целиот свет“, додаваа таа.

Производството на храна е виновно за четвртина од светските емисии на стакленички гасови, а низа научни истражувања покажаа дека црвеното месо и млечните производи имаат многу поголемо влијание од растителната храна. Граѓаните од побогатите земји веќе јадат повеќе месо од тоа што е доволно, а во Британија само еден од секој тројца граѓани ги земаат препорачаните пет дневни порции на овошје и зеленчук.