Меѓународна младинска конференција со фокус на европската солидарност и борба против дезинформации

Меѓународната младинска конференција „Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа” започна вчера, кога се одржаа две пленарни сесии на која истакнати говорници разменија мислења, предлози и идеи со учесниците на две многу важни и актуелни теми, а директно врзани со Европската вредност и солидарност, како и со посветеноста на ЕУ за борба против лажни вести и дезинформации.

Првата тема која предизвика сериозен интерес меѓу учесниците беше „Солидарност во криза: Човекот над КОВИД-19”. Во текот на дискусијата се отворија важни прашања за влијанието на социјалното дистанцирање, влијанието врз луѓето од мерките за заштита од вирусот, како и се поголемата недоверба која постои, поради недоволна информираност, но и поради политизацијата во глобални рамки на пандемијата. Министерот за здравство, Венко Филипче се осврна на важноста на менталното здравје, во моменти на еден од најсилните здравствени предизвици и кризи. Истакна дека најважно во овие моменти е да се комуницира со што повеќе луѓе користејќи ги дигиталните алатки за да се изрази поддршка, солидарност и да се разменат искуства.

Понатаму, професорот Ненад Марковиќ во својата дискусија се надоврза со важноста за разликување на социјално од физичко дистанцирање. Посочи дека неопходно во овие моменти е разликувањето, за да не загуби поддршката на лицата кои се заболени или изолирани поради вирусот. Солидарноста и емпатијата не смеат да се загубат во кризата, но исто така истакната беше и високата недоверба, поради фактот дека луѓето одбиваат да ја прифатат новата состојба на која сите мораме да се прилагодиме.

Во дискусијата беше вклучен и Ерван Берџонеу чиј што фокус на истражување се лицата со ретки болести, кој изнесе податоци дека поради КОВИД кризата најмногу страдаат и има попреченост за здравствена нега на лицата со ретки болести, на Европско ниво.

На крајот на првата пленарна сесија, се обратија и Џејсон Нарди и Софија Переира од европскиот оддел на глобална мрежа за социјална економија кои пред учесниците ги презентираа алтернативите и важноста за истите со цел спречување и намалување на економско-социјалната криза во Европа.

Втората тема на која учесниците и говорниците имаа можност да разменат мислења беше „Пролиферација наспроти креирање вистина”. Актуелноста на темата, не само во контекст на сегашната здравствена криза, туку и во контекст на политички промени и промени во јавниот дискурс предизвика висок интерес и длабинска дискусија. Џиани Рота, долгогодишен новинар и дел од групата за борба против лажни вести на Европа, кој истакна дека како Европејци, како корисници на социјалните мрежи и платформи, како новинари се бориме против лажните вести, како научен проблем, но тој смета дека мора побрзо да се прилагодиме на реалноста дека ова не е научен проблем и дека мора што побрзо да работиме на градење на меѓусебна доверба. Тој смета дека само со градењето доверба и проверка на факти можеме да се избориме со лажните вести.

Исто така на оваа тема зборуваше и новинарот Огнен Јанески, кој акцентираше дека секоја активност на социјалните мрежи, секое споделување е акција која ја превземаме, а од нас зависи дали акциите ќе придонесат за позитивна или за негативна промена. Тој исто така зборуваше и за општествените промени кои можат да ги предизвикаат социјалните мрежи и за моќта која ја имаат, но сепак истакна дека таа моќ и нејзиното користење зависи од луѓето. Јанески им посочи на учесниците дека во борбата против лажните вести, најважно е секоја вест да се проверува, затоа што тоа е единствениот начин за прекин на нивното ширење.

На оваа сесија видео обраќање до младите имаше и словенечкиот Претседател, Борут Пахор, кој на младите им порача дека од сите зависи какви дигитални општества ќе создадеме, како и дека има избор да се шири говор на љубов и охрабрување, наместо на омраза. Секој од нас може да придонесе за подобар свет- им порача тој.

Конференцијата продолжува со пленарните сесии и истакнати говорници и денеска и се емитува во живо.