Европската Унија го санкционираше белорускиот претседател, неговиот син и уште 13 други функционери

Европската Унија (ЕУ) покрена постапка за санкционирање на претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, неговиот син Виктор и уште 13 функционери одговорни за репресијата во земјавта, дознаваат дипломатски извори во Брисел, пренесува српски „Н1“.

Амбасадорите на 27-те земји членки на ЕУ вчера попладне дадоа „зелено светло“ за забрана за издавање визи и замрзнување на имотот на белорускиот претседател и 14 функционери, а покрената е и постапка што им овозможува на владите да ја потврдат одлуката и да ја објават во службениот весник на ЕУ.

Мерката ќе овозможи блокирање на имотот на претседателот и неговиот син во ЕУ. Според порталот „ЕУ Обзервер“, семејството на Лукашенко има акции во две компании за недвижнини на Кипар.

Замрзнувањето на имотот опфаќа блокирање на банкарските сметки и конфискација на имотот на санкционираното лице или субјектот и замрзнување на имотот на претпријатието под контрола на тоа лице.

Одлуката за санкционирање на претседателот и неговите соработници беше донесена на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 12 октомври поради „одбивање на белоруските власти да стапат во било каков дијалог со опозицијата“ која ги оспорува резултатите од претседателските избори, објасни шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

ЕУ не ги признава резултатите од претседателските избори кои се одржаа на 9 август, а на кои Лукашенко беше реизбран, шести пат по ред.