Забрана за вршење дејност поради непочитување на здравствените протоколи, односно одржување на прослави, непочитување на растојание помеѓу масите и носење маски, изрече Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на седум кафулиња и ресторани во Гостивар, Битола, Скопје и Куманово, во периодот од 26 октомври до 1 ноември, информираат од Владата. Истовремено, инспекторатот спровел 2.966 контроли и надзори, а како што информираат од Владата, изречени биле и дополнителни 65 решенија.
Инспекторатот за труд пак, минатата недела спровел 572 надзори и издал 30 решенија за отсуство на ознаки за дезинфекција, промотивни материјали за носење заштитни маски, евиденција на работно време, лична заштита на вработени, како и други неправилности по материјалните закони.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил 91 надзор и изрекол 10.553 решенија, од кои 10.538 се за изолација на болни од Ковид-19 и контакти на болни од Ковид-19, додека 15 решенија се за констатирани неправилности по спроведен надзор, стои во соопштението на Владата.
Инспекторатот за транспорт извршил 66 надзори и изрекол кривични пријави за непочитување на здравствените протоколи, односно, две за непочитување на Протоколот за вршење на меѓународен превоз на патници на граничниот премин „Деве Баир“ и една на граничниот премин „Табановце“. Дополнително по една кривична пријава била изречена во Штип и Струмица за непочитување на Протоколот за вршење на меѓуградски превоз на патници. Инспекторатот, изрекол и пет прекршочни пријави и издал 14 решенија и три платни налози.
Во соопштението на Владата, информираат дека од минатата недела со измените и дополнувањата на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, сите служби постапуваат според новите поголеми овластувања при постапување со прекршители на здравствени протоколи.
„Според новото законско решение, доколку на терен инспекторите констатираат дека одредено правно лице ги прекршува здравствените протоколи, во истиот момент ќе му се изрече привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена, односно објектот на лице место ќе биде затворен. Дополнително, според новите измени, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект. За микро, мало, средно или големо претпријатие, како и соодветни глоби за одговорен на правно лице, трговец поединец или физичко лице“, стои во соопштението на Владата.