Турција денеска го изрече првиот пакет на високи казни за големите социјални мрежи, вклучувајќи ги Твитер, Фејсбук и Инстаграм, за непочитување на контроверзниот закон кој значително ја зајакна владината моќ над тие платформи, пренесува српски „Данас“.
„Казна од 10 милиони турски лири (речиси еден милион евра) е изречена на социјалните мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Перископ, Јутјуб и ТикТок, кои не назначија претставник по истекот на законскиот рок“, објави заменик министерот за транспорт и инфраструктура Омер Фатих Сајан.
Законот што значително ја зајакна контролата на владата врз социјалните мрежи стапи на сила во октомври.
Според него, социјалните мрежи со повеќе од милион уникатни врски дневно, како што се Твитер и Фејсбук, мора да имаат застапник во Турција и да се потчинуваат кон судовите кои бараат отстранување на одредена содржина во рок од 48 часа. Во случај на непочитување на тоа, платформите ризикуваат да добијат парична казна до 30 милиони турски лири, односно три милиони евра, забрана за приходи од рекламирањето и нагло намалување на нивниот обем.
И покрај заканата од санкции, речиси сите социјални мрежи досега одбија да ги почитуваат мерките предвидени со закон, сметајќи дека тоа може да доведе до цензура.
Според професорот по право Јаман Акдениз, само руската платформа Вконтакте прифатила да назначи претставник во Турција.
Турската влада внимателно ги следи Твитер и Фејсбук, а бројни тужби за „навреда на шефот на државата“ или за „терористичка пропаганда“ се покренати врз основа на обични твитови.
Во 2019 година, Турција го блокираше пристапот до 408.000 веб-страници, 10.000 снимки на Јутјуб и 6.200 содржини на Фејсбук, се наведува во извештајот на Здружението за слобода на изразувањето.