Во повеќе клучни држави сè уште се бројат гласовите иако Трамп прогласи победа на изборите во САД

Доцна во ноќта сè уште не е познат победникот на претседателските избори во Соединетите Американски Држави бидејќи изборните резултати и понатаму покажуваат дека трката е премногу тесна за да биде прогласен следниот американски претседател.

Светските медиуми проценуваат дека во моментов резултатот според електорскиот колеџ е 224 електорски гласови за Џо Бајден и 213 за Доналд Трамп, но вистинската разлика на крајот се очекува да ја направат дополнителни четири до пет клучни држави, каде и понатаму не се избројани сите гласачки ливчиња. За победа на изборите потребни се најмалку 270 гласови во електорскиот колеџ кој го сочинуваат сите 50 американски држави.

Избирачките одбори од три клучни држави, Мичиген, Висконсин и Пенсилванија соопштија дека нема да објават победници на нивните држави вечерва. Во моментов во Мичиген и Пенсилванија води актуелниот претседател Трамп, а Бајден има тесно водство во Висконсин, но и понатаму во сите три држави остануваат доволно неизброени гласови кои можат да направат промена во конечните резултати. Дополнително уште не е дефинитивно познато кој ќе биде победник во државите Џорџија и Северна Каролина, каде Трамп исто така е во водство, како и во Аризона и Невада, во кои води Бајден.

ФОТО: Њујорк Тајмс

Двајцата кандидати имаа свои обраќања на јавноста во текот на ноќта. Додека Бајден изрази надеж дека ќе победи, потенцирајќи дека треба да се причека сите гласови да бидат пребројани, претседателот Трамп прогласи дека е победник на изборите изразувајќи и сомнеж во дополнителното броење на гласовите кое се случува во клучните држави.

„Ова е измама на американската јавност. Ова е срам за нашата земја. Се подготвуваме за победа на овие избори. Искрено, ние победивме на овие избори“, рече Трамп.

„Сакаме законот да се користи на исправен начин. Ќе се обратиме до Врховниот суд. Сакаме гласањето да престане. Не сакаме  да најдат некои гласачки ливчиња во 4 часот утрово и да ги додадат на листата“, додаде тој.

Неговата изјава наиде на голем број критики и од Демократската партија, но и од медиумите. Додека неговото „прогласување победа“ го карактеризираа како лажно и предвремено, тврдењата за изборна измама го коментираа како поткопување на демократскиот процес во земјата. Твитот на Трамп, во кој вели дека се прави изборна измама, дури беше обележан од самиот Твитер како содржина која потенцијално манипулира со изборите или демократските процеси.

Претходно Бајден изрази оптимизам дека кога ќе заврши пребројувањето на гласовите, тој ќе биде победник на изборите.

„Не е на мене да прогласам кој победи на овие иззбори. Тоа е одлука на американскиот народ. Сепак, јас сум оптимист околу конечните резултати“, изјави поранешниот потпретседател на САД.

Во следниве часови се очекува да бидат пребројани сите гласови и да се добие појасна слика кој ќе биде победник на претседателските избори иако светските медиуми предупредуваат дека конечниот резултат може да не биде познат и во следните неколку денови, па дури и повеќе недели, доколку некоја од кампањите се одлучи судски ги оспорува резултатите.