Судот за човекови права пресуди во корист на Никола Гелевски во спорот со Драган Павловиќ Латас

Европскиот суд за човекови права, во септември 2020 донесе пресуда со која ѝ се наложува на  Република С. Македонија да му исплати надомест за штета во висина од 3000 евра на  Никола Гелевски, поради повредено право на слобода на изразување.

Оваа пресуда е поврзана и се однесува на случајот во кој тогашниот главен уредник на  Телевизија „Сител“ и главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ – Драган Павловиќ Латас, покрена судски процес против Никола Гелевски поради неговиот текст, „Мегафоните од  фиреровиот сокак“, објавен во „Утрински весник“. Павловиќ тогаш  сметал дека Гелевски ги повредил неговите чувства. Судскиот процес траел околу една  година, а Павловиќ, пред македонските судови, во време на груевизмот, ја добил приватната  тужба за навреда и клевета против Никола  Гелевски.

Откако пресудата против Гелевски ја потврдија Апелациониот и Уставниот суд, Гелевски  поднел тужба до Судот за човекови права во Стразбур, кој пресудил во негова корист. Во  образложението на пресудата се наведува дека „Владата признала дека имало мешање во  слободата на изразување на жалителот“.

Во овој процес пред ЕСЧП, аргументите на застапниците на државата биле дека мешањето  било законско и служело на легитимна цел, односно заштита на угледот на другите, и барале  Судот да не ги прифати како доказ колумните на Гелевски. Но сепак, во образложението на  пресудата на Судот за човекови права, меѓу другото, се вели „Судот забележува дека жалителот (Никола Гелевски) бил редовен колумнист во дневен весник. Затоа мешањето  мора да се испита во контекст на суштинската улога на слободата на медиумите во  обезбедувањето на правилно функционирање на демократското општество“.

Исто така, во врска со јазикот што го користел Гелевски, Судот повторува дека „на поединци, а особено на новинари, кои учествуваат во јавна дебата за прашање од општ интерес, им е дозволено да применат одреден степен на претерување или провокација“. На крај, Судот  смета дека „кривичната пресуда изречена на Гелевски несомнено може да има  застрашувачки ефект врз медиумите во политичката дебата за прашања од важност“.