[Инфографик] Помалку за образование, повеќе за екологија со новиот ребаланс на Буџетот

Новиот Предлог ребаланс на Буџетот, кој се наоѓа во Собранието, предвидува помалку пари за основното и средното образование, како и за инвестиции во образованието, додека скоро за двојно предвидува да се зголеми буџетот за животна средина.

Основниот буџет за Министерството за образование и наука се крати за 5,2 милиони евра во споредба со кризниот ребаланс кој Владата го донесе во мај со овластувањата кои ги доби во вонредната состојба. Најголем дел од овие средства се одземаат од програмата „Мерки за справување со Ковид-19 кризата“, вкупно 5,6 милиони евра. Дополнително се кратат 5,2 милиони евра од основното и скоро 3,4 милиони евра од средното образование. За скоро 900 илјади евра се намалуваат буџетските средства за инвестиции во образованието.

Истовремено драстично растат парите предвидени за студентски стандард – дополнителни 5,3 милиони евра, а за 25 проценти растат и средствата предвидени за ученички стандард.

Буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање се зголемува за 5,7 милиони евра, што претставува раст од скоро 80% во споредба со владиниот ребаланс од мај. За 4,3 милиони евра предвидено е да се зголеми буџетот за програмата „Заштита на животната средина“, а за 2,8 милиони евра буџетот за „Заштита на води“. Овие две ставки, со ваквото покачување би се натфрлил и првично предвидениот буџет за 2020 година, кој беше донесен пред почетокот на пандемијата со Ковид-19.

Повеќе детали погледнете на инфографикот во продолжение:

Вториот ребаланс на Буџетот се наоѓа во собраниска процедура и за него веќе започна дебата помеѓу пратениците на пленарна седница.

Со оваа буџетска промена се планира обезбедување скоро половина милијарда евра за новиот сет економски мерки за ублажување на последиците од кризата со коронавирусот.

Даниел Евросимоски