Хакиран сајтот на кампањата на Трамп – „На светот му е доста од лажни вести“, напишале сторителите

Интернет страницата од кампањата за реизбор на американскиот претседател Доналд Трамп била хакирана изминатава вечер.

„Оваа страница е преземена“, стои во пораката на сајтот donaldtrump.com. „На светот му е доста од лажни вести кои ги шири претседателот“ стои дополнително во пораката која ја оставиле хакерите.

Во пораката дополнително стои дека сторителите хакирале повеќе уреди кои ги користат Трамп и членовите на неговото семејство и поседуваат информации кои можат да го компромитираат претседателот на САД.

Вебсајтот набрзо беше недостапен за јавноста, а кратко подоцна беше вратен на мрежата без пораката на хакерите.

Портпаролот на кампањата на Трамп, Тим Мурта, потврдил дека вебсајтот бил мета на напад и дека работат со безбедносните служби на истрага за сторителите на нападот.

„Нема никаква кражба на чувствутелни податоци бидејќи тие не се чуваат на самиот сајт. Вебсајтот сега е повторно функционален“, рекол Мурта.

Во јули хакери успеаја да пробијат повеќе Твитер профили, меѓу кои и на главниот ривал на Трамп, Џо Бајден, како и на поранешниот претседател, Барак Обама во друг напад. Тогаш за тој инцидент обвинет беше тинејџер од Флорида.