МОН: 40 ученици и 52 наставници од физичката настава се заразени со Ковид-19

Министерството за образование и наука информира дека помалку од еден процент од учениците и кадарот во основните и средните училишта се заразени со Ковид-19.

Според извештаите кои училиштата секојдневно ги доставуваат до МОН, од вкупниот број 259.235 ученици на ниво на држава процентот на заразени изнесува 0,06%, а од вкупниот број 27.955 наставници и друг кадар овој процент изнесува 0,58%.

„Во рамки на наставата со физичко присуство, регистрирани се вкупно 40 ученици позитивни на корона вирусот и 52 вработени од наставниот кадар во средните и основните училишта. Во сите овие случаи се реагира навремено според препораките на Центрите за јавно здравје, со што се спречува трансмисија на вирусот. Во сите останати случаи станува збор за учесници на онлајн настава, при што ниту децата, ниту наставниците имале контакти со останатите од училиштата. Исто така, учениците и наставниците кои одат во изолација поради близок контакт со заразаено лице, или затоа што се позитивни на Ковид-19 наставата ја продолжуваат онлајн, со што се обезбедува континуитет во образовниот процес“, информираат од МОН, додавајќи дека наставата продолжува да се одвива непречено.

Од министерството повторно апелираат учениците, наставниците и родителите да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од Ковид-19 во училиштата и надвор од нив, носејќи маски, со држење растојание и често миење и дезинфекција на рацете.