Убиени демонстранти на протести против полициската бруталност во Нигерија

Десетици луѓе во Нигерија се убиени од армијата додека учествувале на протест против полициската бруталност, информираат тамошни локални медиуми.

Според сведоци од протестите кои се одржале во градот Лагос, најмалку 12 граѓани биле убиени додека многу други се ранети откако војската почнала да пука кон групата. Од невладината Амнести Интернешнл велат дека имаат кредибилни информации кои ги потврдуваат убиствата.

Од нигериската армија ги негираат информациите за убиствата, додека надлежните институции најавуваат внатрешна истрага. Во Лагос по настаните е воведен 24-часовен полициски час, а според новинарските извештаи помала група граѓани ја прекршиле забраната за движење и во текот на ноќта се собрале на плоштадот каде се случило пукањето во демонстрантите.

Во Нигерија веќе две недели се одвиваат протести против сега веќе расформираната специјална полициска служба против кражби, која беше обвинувана за голем број незаконски приведувања, напади и убиства. Службата беше укината од претседателот Мухамаду Бухари на 11 октомври.

Протестите сепак продолжија со барања за повеќе промени во безбедносните сили, како и реформи во начинот на кој се води државата.