„Душата мисли во слики“ – изложба за одбележување на „Националните денови на МС“

Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза ве известува дека во текот на месец октомври, втора година по ред ги одбележува „Националните денови на МС“ . По тој повод, со наслов „Душата мисли во слики“ од 19 до 24 октомври ќе биде поставена изложба на уметнички слики на педесетина еминентни академски уметници од земјата и од странство, во галерија „КО-РА“ ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.

Целта на овој настан е да се подигне свеста за мултипла склероза и да се даде поддршка на лицата со МС и членовите на нивните семејства преку креативната мисла како двигател поттикнат од исцелителната моќ на уметноста.

Изложбата ќе ја отвори м-р Гоце Наневски, професор на факултетот за ликовни уметности Скопје, на катедрата вајарство.

„Уметноста претставува креативна интерпретација на творечкиот мисловен процес – форми и слики кои ја откриваат својата суштина и цел, притоа го откриваат нашето лично јас, никулецот на мислата која проникнува во идеја, процес од кој се создава самата таа како експрсијата на сето она што е сокриено во нас, а истото благодатно здобиено открива потреба создавачкиот процес да биде одраз на доживеаната емоција која веќе добива сосем поинаков облик и обоеност“, велат од здружението на кое во фокусот му е грижата за пациентите со МС, остварување на нивните потреби и надминување на проблемите и предизвиците кои се секојдневие за овие лица.

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Во Македонија од МС боледуваат повеќе од 1.500 лица додека во светот околу 2,8 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 25 до 31 година, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.

Причината за МС сè уште не е позната и досега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.