БЕГ: Утре започнува грејната сезона – потрошувачите да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација

Од утре, 15-ти октомври, започнува грејната сезона 2020/2021 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува БЕГ.

Оттаму информираат дека за домаќинствата и правните субјекти во Скопје кои се приклучени на централниот систем за топлинска енергија, од 15 октомври 2020 година ќе започне регулираниот период за редовна испорака на топлинска енергија, кој вообичаено трае, сѐ до 15 април следната година.

Испораката на топлинска енергија ќе се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната Комисија за Енергетика на Република Македонија, посочуваат од БЕГ.

„Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува. При испораката на топлинска енергија се обезбдува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците“, информираат од БЕГ.

Со цел испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено, од БЕГ бараат потрошувачите кои имаат дефекти на внатрешната грејна инсталација, да ги отстранат во најкус можен рок и тоа да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.

„Исто така, апелираме до сите Управители односно Заедници на сопственици да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската подстаница на објектот и да  обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација)“, велат од БЕГ.

За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, а подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат и на веб страната на Снабдување со топлина Балкан Енерџи: http://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled-i-veb-prijava-na-defekt/