Во тек е пријавување за третото издание на „Pitch Please“ – настан што ги поврзува студентите и приватниот сектор

Невработеноста кај младите, недоволното искуство, недоволните можности, изливот на млади таленти, но и неурамнотеженоста на очекувањата на компаниите и младите претставуваат едни од најголеми проблеми во нашето општество, велат од студентската организација АИЕСЕК Скопје. Ова според нив, резултира во спор развој, нееднакви работни места и низок животен стандард.

Затоа, тие годинава го организираат третото издание на „Pitch Please“, настан каде младите ќе може да се претстават себеси и своите мислења пред компаниите.

Настанот годинава ќе биде онлајн и бесплатен овозможувајќи им пристап на студентите од сите делови на државата.

„Главната идеја на Pitch Please е да служи како платформа за развој на меките вештини кај младите, како и да го спознаат концептот на “speed pitching”. Концептот на настанот е заснован врз претставување на компаниите, интеракција помеѓу нив и младите, каде што искуствата на студентите и претставниците од бизнис секторот би биле споделени на еден неформален начин. Преку ова, ние веруваме дека градиме една компетентна млада работна сила со можност за одење на пракса или директно вработување, во компанијата која тие ја сакаат“, велат од АИЕСЕК.

„Pitch Please“ е проект кој се обидува да придонесе до имплементирање на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации и овој проект е конкретно заснован на осмата цел за одржлив развој – Достојна Работа и економски развој, појаснуваат од АИЕСЕК.

Настанот ќе се одржи на 5-ти и 6-ти ноември на платформата за видео комуникација Zoom и Hangouts. Краен рок за пријавување е 27.10.2020 година.

АИЕСЕК е глобална, младинска, невладина и непрофитна организација која се стреми кон развивање на лидерскиот потенцијал кај младите нудејќи им можности за да се развијат себеси преку практично искуство во различни области и преку крос-културни размени.

„Веруваме во младите затоа што се полни со амбиција и претприемачки дух, карактеристики кои се потребни за да се обликува иднината на целото општество“, велат од организацијата.

Пријавата за учество на настанот е достапна на следниот ЛИНК.