Британската реклама што предизвика револт меѓу културните работници

Британската реклама што сугерира балетските танчери да се преквалификуваат за кариера во сајбер сферата, падна во вода откако предизвика револт меѓу културните работници. Пораката на рекламата предизвика низа критики и огорченост поради недостаток на чувствителност кон работниците во секторот што забележа поразителни загуби во работните места поради пандемијата.

Револтот се појави откако бета верзијата на квиз развиен од британската влада за да им помогне на луѓето да се подготват за промени во кариерата, стана предмет на хумор меѓу уметниците минатата недела. Квизот постави 50 прашања за да им помогне на испитаниците да одлучат кои кариери најдобро им одговараат.

Но, оние кои полагаа квиз, беа вознемирени од предлозите. Па така, на дел им било препорачано да размислат за нова кариера во боксот или како судија за фудбал. На Твитер, други корисници споделија слики со препораки дека да станат чувари или пилоти.

Фетбој Слим, популарен британски диџеј и музички продуцент, рече дека владата „ја фрла уметноста под автобус“.

„Се согласувам дека беше многу лошо“, твитна во понеделникот секретарот за култура Оливер Доуден, додавајќи дека неговиот персонал не бил вклучен во создавањето на рекламата, што беше дел од „партнерска кампања која ги охрабрува луѓето од сите слоеви на животот да размислуваат за кариера во сајбер безбедноста.”

Балетскиот оглас, објавен на веб-страницата на фирмата за обука QA, сугерираше дека балетска танчерка по име Фатима наскоро би можела да има работа во сајбер безбедност, иако таа сè уште не знаела за тоа.

Тоа е дел од кампања на програма започната во 2019 година од Националниот центар за сајбер безбедност на Велика Британија, која ги охрабрува младите да добијат обука за кариера поврзана со технологијата.

Но, за многумина во британската креативна и уметничка индустрија, тоа беше протолкувано како дополнителен знак дека владата не ги поддржува во услови на затворање на местата и сè помали можности.

Други, пак, ја ретвитаа сликата со хаштаг „Зачувај ги уметностите“, кампања за поддршка на индустријата за време на пандемијата.

Рекламата стана вирална кога британскиот Кралски балет се врати по седум месеци без голема продукција, со тричасовен пренос во живо од Кралската опера со 70 танчери во петокот.

Неколку часа откако сликата на Фатима стана вирална, веб-страницата беше повлечена, иако и понатаму може да се најде во архивите на интернет.

Музиката во живо и театарот претрпеа големи последици поради пандемијата. Во јули, владата објави пакет субвенции од две милијарди американски долари за да се обезбедат итни грантови и заеми на местата принудени да ги затворат или намалат активностите.

Британската влада оваа недела објави дека повеќе од 326 милиони долари грантови се дадени на повеќе од 1.300 уметнички организации. Но, многу изведувачи велат дека владата не сторила доволно.