Работници побараа дополнителни два долари на час пред вилата на Џеф Безос, вредна 165 милиони долари

Моментални и поранешни работници на американскиот гигант за онлајн шопинг Амазон и активисти за работнички права одржаа мал протест во неделата пред луксузната вила на основачот и извршен директор Џеф Безос, вредна 165 милиони долари, во Беверли Хилс, Калифорнија, пренесува хрватски „Индекс“.

Насобраните граѓани пред раскошниот имот на Безос побараа повисоки плати за работниците, подобри бенефиции и построга заштита при работа во магацините на компанијата, пред се од инфекција со коронавирусот.

Протестот беше организиран од Конгресот на есенцијални работници, кој е основана од поранешниот работник Кристијан Смолс, кој беше отпуштен во март откако јавно проговори за работните услови и организираше протести пред магацинот каде работел.

Иако Амазон тврди дека Смолс е отпуштен поради тоа што со протестот ги прекршил нивните мерки за карантин, во меѓувреме протече документ од адвокатот на компанијата, во кој Смолс се опишува како црнец кој „не е паметен, ниту добро артикулира“. Покрај тоа, во документот се препорачува токму Смолс да биде главна цел на борбата на Амазон против синдикалната организација на работниците.

Демонстрантите го извикуваа името на Безос и паролата „нема правда, нема мир“. Во говорот на протестот, Смолс ги повика луѓето да ја откажат претплатата на стриминг сервисот Амазон прајм во знак на солидарност со работниците.

Барањата на демонстрантите се однесуваат и на бесплатна грижа за децата на работниците, здравствено осигурување и удели за работниците, минимална плата од 30 долари на час и затворање на магацините каде избувна инфекција со Ковид-19.

Тие исто така побараа враќање на додатокот од плата од два долари на час за ризик од инфекцијата, до крајот на пандемијата, која Амазон ја укина на крајот на јуни.