Како до квалитетен Закон и до компетентни, а не партиски избрани членови на Комисијата за заштита од дискриминација  

За време на полицискиот час, на враќање накај дома, после втора смена на работа, се задржав повеќе од очекуваното. Сопственикот на маркетот каде работам ме задржа, поради што го испуштив последниот автобус што ме носи до Шуто Оризари. Во брзање и во паника, веќе покасно пристигната на автобуската станица, двајца полицајци ме затекнаа и почнаа да ме испрашуваат. Тие одбија да ми поверуваат, велејќи ми дека таквите како мене, мислејќи на тоа дека сум Ромка, сигурно лажат. Едниот вулгарно ми рече: ‘Ајде не туку лажи, сигурно си била кај дечко ти!’, а јас се расплакав. Кога видоа дека сум видно вознемирена и дека ја кажувам вистината, престанаа со нивната тортура, но сепак ме легитимираа“.

Ова е приказна на девојка Ромка што ја презентираше Мрежата за заштита од дискриминација, која потенцира дека за овие луѓе дискриминацијата е секојдневна реалност. Им создава страв и несигурност, социјално ги исклучува и им оневозможува слободен пристап до јавните простори и услуги.

Затоа, Мрежата бара од пратениците итно да изгласаат квалитетен Закон за спречување и заштита од дискриминација. Исто така, гаранција за транспарентност при формирање на Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Toa да биде фер и инклузивна постапка за избор на нејзини членови, заснована на заслуги, а не на партиски преговарања далеку од очите на јавноста.

„Законското решение во голема мера ќе зависи од овие луѓе (Комисијата). Многу често дискриминацијата се случува во државните органи, се случува од политичките партии, од приватни фирми и приватни субјекти што се поврзани или се донатори на политичките партии. Така што, независноста на оваа Комисија е клучен предуслов за да си ја врши функцијата“, рече Драгана Дрнаревска од Коалиција Маргини, дел и од Мрежата за дискриминација, организатор на дешната Националната конференција „СИТЕ, СЕГА! Одговорноста на институциите за обединување  против дискриминација“.

Без независна Комисија, вели Дрндаревска, повторно ќе има резултати како во периодот од 2010-2019 година.

„Бараме Комисијата да биде седумчлена, со застапеност на сите општествени групи. Не само поделба меѓу Македонци и Албанци, туку зборуваме и за Роми, за други помали етнички групи, за ЛГБТИ луѓе, луѓе со попреченост…“, рече Дрндаревска, дополнувајќи дека за изборот бараат измени на членот 18, што би се следел примерот со Антикорупциска со прилагодувања и унапредувања.

Меѓу другото, таа потсети на париските принципи на ООН и директивите на ЕУ за еднаков третман. Исто така, на критиките од извештаите на ЕУ во делот на недискриминација.

Принтскрин од презентацијата на Дрндаревска

Маја Морачанин, пратеничка од Зелената партија ДОМ, истакна дека ќе го поднесе како амандман, барањето на Мрежата за измена на членот 18, со цел потранспарентна постапка за избор на членови на КСЗД, која би придонела кон поголема доверба на граѓаните во институцијата.

„Ова е клучен закон за унапредување на човековите права и слободи, како и спречување и заштита од дискриминација на сите граѓани во македонското општество, а особено кон маргинализираните групи граѓани кои често се жртви и на насилство од омраза и говор на омраза. Во овој контекст од огромна важност е што во овој закон сексуалната ориентација и родовиот идентитет се експлицитно наведени како основи за дискриминација, што ќе придонесе кон поголема заштита од дискриминација на една од најмаргинализираните заедници, ЛГБТИ“, рече Морачанин.

Исто и пратеничките на СДСМ и ВМРО, Снежана Калеска-Ванчева и Рашела Мизрахи, најавија поддршка за законот.

„Во државата, за жал, има и политичка дискриминација. Ја чувстуваат и оние ‘обични членови’ на политичка партија. Но, ја чувствуваат и носители на јавни функции. И тоа е прилично силен феномен за кој сите треба да се заложиме да го сузбиваме. Не сум идеалист дека туку-така исчезнува било која форма на дискриминација. Но, мораме да се бориме постојано и да изнаоѓаме механизми. Дискриминацијата е за осуда, а ние како општество мора да имаме целосен консензус, особено има длабоки корени и е насочена кон некоја етничка група, како пример Ромите. Не само со законот, туку треба да го смениме мислењето и во нашата колективна свест, низ образование, инклузивност…“, рече Калеска-Ванчева.

Мизрахи вели дека можеби секој случај на дискриминација треба да се разгледува индивидуално.

„Пратениците на примарно место работат за државата, а на секундарно се припадници кон одредена политичка опција. Ние сме одбрани за народот, од народот. Ние сме гласноговорници на народот. Верувам дека и во Собранието гласно ќе говориме за потребите на оние што се загрозени во одреден момент“, рече Мизрахи.

Ѓултен Мустафова од Национално координативно тело за спречување и заштита од дискриминација, објаснува дека Законот ќе има обрски кон институциите, правни и физички лица. Досега институциите собираа само податоци за полот, а сега ќе имаат обрска и за статистички податоци за сите основи на дискриминација (сексуална ориентација, родов идентитет…).

„Ова понатаму е поврзано со новиот доказ, кој е уреден во судската заштита, докази за статистички податоци и тестирање на ситуација. Институциите имаат обврска да креираат и афирмативни мерки за одредена група и лица на граѓани. Комисијата добива нова надлежност – да може да врши увид во документацијата, да влегува во институциите и кај други правни лица. Институциите мораат во рок од 8 денови да доставуваат документи на Комисијата, во спротивно има прекршочни одредби“, рече Мустафова.

Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондација Отворено општество- Македонија, кој финансиски го поддржува проектот, рече дека со конференцијата се одбележува десетгодишна посветена и пожртвувана работа на 11 граѓански организации здружени во Мрежа за заштита од дискриминација.

Таа ги повика парламентарните политички партии – да го усвојат овој Закон со консензус, со што ќе покажат дека поддршката на Декларацијата не ја дале само на хартија во текот на изборниот процес.

Бојан Шашевски