Во државата недостига превенција на говорот на омраза кој резултира со несакани последици

Во последната деценија се намалува бројот на деца малолетници кои биле во судир со закон и се осудени на казна, покажуваат бројките на Државниот завод за статистика. Од друга страна пак, податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права, покажуваат дека во изминатите две години зголемен е бројот на дела од омраза, каде што сторители или жртви се малолетници. Комитетот за човекови права, кој со години наназад ја следи состојбата со говорот на омраза и делата од омраза во државата, поради недостаток на национални статистики, креираше база на податоци за појавата на овие два, најчесто тесно поврзани феномени, пишува Мета.

„И покрај достапните податоци кои упатуваат на зголемување на нетолеранцијата и насилството помеѓу младината, од страна на државата беа направени многу малку напори за превентивни мерки вклучително и едукацијата за човекови права и подигнување на свесноста во јавноста, особено помеѓу учениците и младата популација“ изјави за „Мета.мк“ Сибел Амет, правна советничка од Хелсиншкиот комитет.

Како што посочува правничката, согласно Законот за правда за децата, предвидено е формирање на Државен совет за превенција на детско престапништво, како и формирање на општински совети за превенција на детско претстапништво. Амет појаснува дека во надлежност на Државниот совет е да донесе национална стратегија за превенција на детското престапништво и годишни програми и планови за остварување на програмата.

„Искуството покажува дека во голем број општини не се оформени општински совети за превенција на детско претстапништво и покрај законската обврска, а Државниот совет се соочува со недостаток на буџетски средства за спроведување на активности согласно годишните планови“ додава таа.

Амет истакнува дека загрижувачки е трендот што во изминатите две години покажува зголемен број на дела од омраза каде што сторители или жртви се малолетници. Ваквите податоци, како што вели Амет, укажуваат на јасната потреба да се зајакнат превентивните мерки и тоа преку рефлектирање на едукацијата за човекови права, наставните планови по историja и релевантните обуки, преземање чекори за едукација на јавноста, а особено на децата и младите луѓе за вредностите на културната разновидност и инклузија, со цел сите општествени сектори да имаат одредена улога во борбата со таквата нетолеранција.

„Во недостаток на превенција, се чини дека државата воопшто не го сфаќа сериозно моментот кога еден малолетник ќе стори кривично дело. Ова е особено видливо од аспект на условите во кои се извршуваат санкциите што им се изрекуваат на деца согласно Законот за правда за децата, особено во поглед на воспитно-поправните мерки и казната затвор“ посочува правничката.

Амет вели дека од теренските посети остварени во 2019 година, кога станува збор за ресоцијализација и процес на реинтеграција во општеството, особено во поглед на пристапот до образование, Хелсиншки констатирал дека во КПУ Затвор Охрид нема организирано образование во установата или во местото на седиштето на установата, а согласно Законот за извршување на санкциите. Во однос на режимските активности пак, малолетниците лишени од слобода немаат соодветни услови за спроведување на активности и програми за образование, спорт, рекреација, вокациски активности.

Случајот со Никола Саздовски Саздо, кој пред две години почина поради свиреп напад, го вклучи алармот за говорот на омраза и тензијата помеѓу навивачките групи кои се од различна етничка припадност. Се чини дека државата не презема конкретни мерки да го превенира насилството кое следи по континуираното ширење говор на омраза и тензија, сè додека не се случи инцидент. Па така, пред само неколку недели, два нови случаи ја алармираа јавноста. Едниот кога група навивачи кои се движеа на скопскиот плоштад, скандираа со говор на омраза кон Албанци, и другиот случај во Ѓорче Петров, за што на социјалните мрежи беше објавено и видео на кое се слушаат скандирања навредливи пароли за свадбената поворка.

Од СВР Скопје во врска со двата настани во кои беа инволвирани навивачки групи и други граѓани во Скопје, за „Мета.мк“ велат дека преземени се сеопфатни мерки и активности за расчистување на истите, утврдување на фактите во врска со настаните и идентификација на инволвираните лица, a преку обезбедување на видео записи, разговори со лица инволвирани во настаните и др.

„Во полициска станица до сега беа повикани 16 лица, а се преземаат и дополнителни мерки во оваа насока. Притоа, согласно Законот за кривична постапка, до Основното јавно обвинителство Скопје доставени се писмени известувања за настаните случени на 13 и на 19.09.2020. По завршување на мерките и активностите согласно добиените наредби од Основното јавно обвинителство Скопје и по комплетирање на документацијата ќе биде доставен соодветен поднесок за што јавноста ќе биде информирана“ посочуваат од Министерството за внатрешни работи за „Мета.мк“.

Од ОЈО сè уште нема официјална информација до каде е расчистувањето на овие случаи.

Денеска, по повод Меѓународниот ден на ненасилството, премиерот Зоран Заев се обрати до јавноста со видео порака во која истакна дека ова е ден кој треба да не потсети дека имаме обврска и должност да градиме култура на мир, трпеливост и меѓусебно разбирање.

„Ние сме земја која обединува различни етнички, верски групи и други групи. Со векови сме го граделе она што денес го имаме и треба секој ден да се потсетуваме колку е тоа бесценето, но и кршливо и дека секое насилство и говор на омраза се закана за овие наши вредности. Ве повикувам сите, да се спротивставиме на насилството и да ја раскажуваме нашата убава македонска приказна по која стануваме познати во целиот свет, дека со зборови и дијалог секогаш се доаѓа до решение“ вели Заев.

Мета