Второ издание на „Реупотреби го умот“ со нова инсталација во Градскиот парк

На второто издание на „Реупотреби го умот“ ќе биде претставена втората инсталација која индиректно претставува визија на луѓето кои употребуваат дроги. Настанот кој е организиран од страна на „ХОПС“ – Опции за здрав живот, ќе се одржи на 30 септември, со почеток во 17 часот.

Пред споменикот на Гоце Делчев, ќе биде претставена втората инсталација, изработена со реупотреба на 10 палети, 70 пластични шишиња, и употребивме 200 литри земја и минерал, многу љубов и неколку дебла и греди.

„Ќе ни биде чест да дојдете да се запознаете со нашето дело и повторно да се подружиме како минатиот пат. Создадовме клупа за да не зближи и здружи, за да го чуе љубовниот шепот и убавите желби и во себе да ги скрие искажаните тајни. Оваа клупа е за заедничка почивка на млади и стари, за долги разговори и плодни договори. „РЕупотреби го умот“ е инсталација која има 4 лица и во нив се вградени повеќе од 400 реупотребени пластични шишиња, 6 реупотребени палети, 160 растенија, 400 литри земја и минерал, 7 пара вредни раце, многу љубов и желби за заедништво. Ваквата иницијатива има за цел да влијае на свеста на околината, овозможувајќи учество во креирање и реализирање на идеите за квалитетно заедничко живеење, еднакво за сите“, велат од организацијата.

На вториот настан за музиката ќе се погрижи диџејот „Псома“.

Претходно, Радио МОФ објави за првата ваква инсталација што беше поставена во вториот дел на Градски парк.

[Галерија] Отворена инсталацијата „РE Употреби го умот“ во Градски парк