Поддршка за исплата на плати, платежни картички, и поддршка со плати за туристичките водичи се само дел од мерките кои се во состав на четвртиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19, кој беше усвоен на денешната владина седница.
Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција истакна дека четвртиот пакет мерки е директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст.
Прва од донесените мерки беше Поддршка за исплата на плати, која продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември. Поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари.
„Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал. Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година. Оваа мерка важи и за самостојните вршители на дејности, односно трговците поединци, лицата што вршат земјоделска дејност, занаетчиска дејност и лица што вршат други услуги“, нагласи Заев.
Втората мерка ги опфаќа платежните картички за граѓаните за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности.
Преку оваа мерка, платежни картички со износ од 6.000 денари ќе ги добијат 5.726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, невработените кои се пасивни баратели на работа, самостојните уметници, филмските работници, културни работници и естрадни уметници.
Заев соопшти дека платежни картички ќе добијат студентите кои претходно не ги добиле картичките.
„Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, а за што навремено и со право реагираа претставниците на студентите. Плус поддршка за ученички и студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици. Ќе ги помагаме и оние граѓани кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи. Со тоа, оваа мерка опфаќа на 283.000 наши граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра“, нагласи тој.
Како трета мерка е зголемувањето на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД-1.
Преку Развојната банка на Република Северна Македонија, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити, а обезбедени се нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија. Кредитите се обезбедени преку Европската инвестициона банка и ќе бидат пласирани во јануари 2021, преку деловните банки за поддршка на домашните компании, со исклучително ниска камата.
Петтата мерка предвидува – Поддршка со плати за туристичките водичи, а за секторот туризам се предвидени и пакет мерки меѓу кои и Поврат на туристичката такса за 2019 година, Грантови за туристички агенции.
Во овој пакет мерки предвиден е и Викендот без ДДВ.
„Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ. Во ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ“, истакна Заев.
Вредноста на 4-тиот пакет економски мерки изнесува 470 милиони евра.