„Race for the cure“ – трка против ракот на дојката во организација на „Борка“

Здружението за за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ како дел од кампањата за рак на дојка, „Race for the cure“, денес ќе организира настани во скоро сите градови на државата.

Централниот настан ќе започне во 11 часот во Градскиот парк на „Школка“, а учесниците симболично ќе го обиколат паркот во склоп на трката „„Race for the cure“.

Секоја „Race for the Cure“ веќе 12 години во нашата земја ги соединува преживеаните, семејствата и пријателите на 3 км прошетка или 5 км трка. Преживеаните ја слават својата победа над карциномот на дојка, учесниците ги поддржуваат своите најблиски погодени од болеста и се сеќаваат на најблиските кои починале.

За 2020 година, „Think Pink Europe“ најави 30 трки со 300.000 учесници во 22 земји во Европа. Поради пандемијата COVID-19, големите спортски настани се одложуваат или откажуваат. Од алијансата истакнуваат дека во време кога пациентите со рак на дојка и преживеаните се најранливи, најмногу им е потребна нашата поддршка.

Трката беше најавена во рамки на пресконференцијата која се одржа на 24 септември, каде покрај претседателката на „Борка“, Биба Додева, говореа и Лук Захнер, советник за односи со јавност и портпарол на Амбасадата на САД во Македонија и Благоја Боцевски, маж кој го победи ракот на дојка.