На 27 август во дворот на Театар Куманово премиерно ќе се прикаже претставата за деца „Приказна за една шума“.
Претставата која ги опфаќа проблемите на модерното време низ игра и едукација ќе биде првата претстава „во живо“ по затворањето на театрите поради пандемијата на коронавирусот.
Преку интерактивниот концепт, „Приказна за една шума“, им помага не само на помладите, туку и на постарите да ги осознаат и да дејствуваат во решавање на модерните проблеми.
Главната тема во претставата е пошумувањето.
„Како што гласи насловот така и дејството, се случува во една шума. Ова е дуодрама што значи постојат само два лика во претставата – еден Був и еден Бик. Бикот е претставен како метафора на тврдоглавост и игнорантност кој воопшто не се грижи за природата, едноставно си го гледа својот џеб. Бувот од друга страна е метафора на образованието и емпатијата кој пробува низ целата претстава да му објасни на бувот дека ако не постојат дрвјата животот на новите генерации ќе стане многу лош“, истакнуваат од театарската група.
Дрвјата се убави, високи, тивки и плодни. Не бараат ништо, а даваат многу – воздух, сенка, плодови, дури и книги, а за многумина и дом. Со еден збор, даваат живот. Актерите во претставата „Приказна за една шума“ ќе ни покажат кој и зошто е подготвен да ги уништи дрвјата, а кој и зошто да ги спаси. Тие ќе ни помогнат и по гледањето на оваа басна, да ја заземеме вистинската страна – страната на бувот.
„Јас и актерот Никица Јанковски заедно смогнавме сили да направиме претстава за деца која ќе биде едукативна, а воедно нема да ги оптоварува ниту децата ниту возрасните со актуелните теми на денешницата“, истакна за Радио МОФ режисерот Матеј Стојковски.
Дел од театарската група се актерите Никица Јанковски и Матеј Стојановски, кои истовремено се и режисери на претставата. Сценографијата е на Крсто Богојевски, додека костимографијата е на Дарко Илиевски.
Претставата премиерно ќе се изведе во дворот на Театар Куманово со почитување на сите протоколи за заштита на здравјето на граѓаните.
Н.М./И.С.