Од 25 август до 15 септември ќе се одржи првата меѓународна летна школа „Курирање во контекст“, организирана од страна на Здружението на граѓани „Локомотива – Центар“. Куратори на првото издание се Биљана Тануровска- Ќулавковски и Славчо Димитров. Продуцент на школата е Виолета Качакова, а координатор е Зорица Зафировска.
Меѓународната летна школа „Курирање во контекст“ има за цел критички да рефлектира на различните социо-политички и економски контексти и да развива кураторски методи кои ќе ги преиспитаат практиките на современите (изведувачки) уметности во однос на активизмот, социјалните движења и самоорганизацијата.
Школата има за цел да прерасне во дел од мастер програма која ќе биде имплементирана помеѓу партнерски универзитети кај нас и надвор од државата.
Ваквиот проект се реализира во партнерство со Универзитетот за уметности во Стокхолм и Универзитетот во Загреб (Факултетот за драмски уметности), како и Танцфабрик од Берлин, а е поддржан од „Еразмус +” програмата за образование, тренинг, млади и спорт на Европска Унија.
Оваа година школата ќе ги опфати темите на „Курирање и кураторското“, кураторски практики поврзани со социјална правда, социјални движења, активизам, родови и квир политики, самоорганизирани иницијативи и борби за нови форми на „заедничко”.
Учесниците ќе ги проучуваат моделите на продукција базирана на соработка и заемност и дисеминација, но и новите начини на институирање/воспоставување на кураторското (односи со моќ, вклучување и исклучување), како и темата на кураторството како поставување на агонистички јавен простор.
Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” ќе опфати семинари, предавања и презентации, работилници, дискусии, разговори со уметници и куратори, читачки групи и менторска работа со учесниците на школата.
Активностите ќе бидат водени од признати професори, теоретичари, куратори, драматурзи, продуценти и уметници од домашената и меѓународната сцена во Хрватска, Германија, Грција, Србија, Словенија, САД, Шведска и Русија.
Селектирани се вкупно 15 учесници односно, студенти, магистранти, куратори, истражувачи, теоретичари и уметници од С. Македонија, Грција, Хрватска, Германија и Шведска.
Од локалната сцена учество ќе земат Ивана Мирчевска, Кристина Тодороска Петреска и Јана Димитрова.
Школата ќе биде од затворен карактер, чија програма ќе можат да ја следат овогодинешните учесници, но, дел од програмите ќе бидат отворени за јавноста.
Деталите околу програмските содржини, распоредот на предавања и биографиите на предавачите се достапни на веб страната на Локомотива.
Првата меѓународна школа ќе се реализира онлајн преку специјално креирана дигитална платформа и со користење на други дигитални интерактивни алатки.
Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” оваа година е поддржана и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.