Прв фестивал за детска креативност – „Трамболини“

Утре со почеток во 19 часот, на Школката во Градскиот парк, е за прв пат ќе се одржи Интернационален фестивал на детската креативност – Трамболини.

Фестивалот, кој е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, преку едукативни и креативни работилници има цел да ја развие креативноста и љубопитноста кај децата.

На отворањето во Градскиот парк, децата ќе имаат можност да учествуваат во разновидни активности како барање на скриеното богатсво, изработка на фигури од балони, штулари, балерини, катче за боење и изработка на креативни украси, експерименти и пеење песни од ЗОО азбука, а публиката ќе ја забавуваат децата од хорот „Гласот на децата на Скопје“ со своите песни.

Разните активности на фестивалот ќе се случуваат на повеќе локации во градот, дел на отворено, а дел во јавни институции, каде што децата ќе ја развиваат својата креативност во повеќе области – ликовната уметност, музика, филм, литература, природни науки и археологија.

Активностите од фестивалот ќе се реализираат во ДКЦ „Карпош“, Музејот на современа уметност, како и во паркот „Ибни Пајко“ и на на плочникот пред Археолошкиот музеј.

Отворањето и сите понатамошни активности во рамките на Интернационалниот фестивал на детската креативност – „Трамболини’ ќе се организираат во согласност со протоколите за заштита од Ковид-19.