Бугарскиот премиер Борисов подготвен да поднесе оставка по повеќенеделните антивладини протести

Бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера навести дека би можел да поднесе оставка по повеќенеделните антивладини протести, но, додаде дека владата на неговата партија ќе остане на власт се до редовните избори кои се закажани за следната година, пренесува хрватски „Индекс“.

Од почетокот на јули, илјадници граѓани протестираат против владата на Борисов. Демонстрантите поставија шатори и блокираа улици во Софија, обвинувајќи го премиерот за слабеење на државните институции и за фаворизирање на моќни олигарси.

Борисов кој доминира во бугарската политика изминативе десет години не откри други детали, но, рече дека сака да избегне колапс на владата и распуштање на парламентот во време кога економијата е погодена од пандемија на коронавирусот.

Тој не одговори на обвинувањата на демонстрантите, но истакна дека неговата влада работи напорно на сузбивање на шверцот, со што слабеат и многу локални олигарси.

„Подготвен сум да заминам во секое време. Не сакам тензии поради мене“, рече тој на митингот на неговата партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ).

„Ќе разговарам со моите коалициски партнери и ќе понудам повеќе опции, вклучително и онаа за мое заминување, а владата продолжува да работи“, додаде тој.

Коалицискиот партнер на ГЕРБ, националистичката коалиција Обединети патриоти, исто така, порача дека владата треба да отслужи целосен четиригодишен мандат.

Протестите ја намалија поддршката за владејачката ГЕРБ од 21.7 проценти во декември на 14.5 проценти според последното истражување. Критичарите велат дека оставката на Борисов може да не биде доволна за да се смири бесот на јавноста поради распространетата корупција.

Една деценија по пристапувањето во Европската унија, Бугарија останува најсиромашна членка, додека според „Транспаренси интернешнл“ таа е исто така најкорумпираната членка на унијата.