Струјата поскапува за 7.4%, евтината тарифа останува

Цената на струјата за домаќинствата ќе се зголеми за 7.4%, односно ќе чини 5.9 денари за еден киловат скапа струја, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

„Заради намалените приходи, пред се од извозните компоненти, цената на електричната енергија за сите потрошувачи на регулираниот пазар ќе се зголеми за 7.4% и тоа ќе го следиме во наредниот период“, изјави Бислимоски.

Тој посочи дека од прилика на една просечна потрошувачка, односно, на сметка од 1.500 денари, зголемувањето на месечните трошоци ќе биде за приближно 100 денари.

Според него, еден од начините за надминување на ситуацијата со зголемувањето на цената на електричната енергија е зголемување на субвенциите за ранливи категории на потрошувачите.

„Или пак, може да се прават соодветни анализи во однос на ДДВ-то како што се случи минатата година. Со ДДВ-то на топлинската енергија која се намали од 18 на 5 проценти, односно тоа влијаеше и за намалување на цената за 12%“, додаде Бислимоски.

Како што посочи тој, укинување на евтината тарифа нема да има, односно, таквата тарифа ќе продолжи и понатаму да функционира како што беше и досега.