Европејците трошат помалку и штедат повеќе од почетокот на пандемијата

Реалната потрошувачка на домаќинствата по глава на жител во првиот квартал од 2020 година во земјите од еврозоната опадна за три отсто, а во Европската унија за 2.9 отсто, објави Евростат, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Тоа е периодот кога во сила биле широки мерки за заштита од ширење на Ковид-19, и дополнително се објаснува дека ова е најголем пад на потрошувачката на домаќинствата во ЕУ од 1999 година и од почетокот на мерењето на ваквата статистика. Евростат наведува дека во истиот период имало зголемување на бруто приходот кај домаќинствата во еврозоната за 0.9 отсто, а на ниво на ЕУ за 1.2 отсто.

Се објаснува дека на зголемувањето на приходите позитивно влијание имало намалувањето на тековните даноци и социјалните давачки, но и зголемување на социјалните давачки од страна на државата.

Во првиот квартал годинава, стапката на заштеда на домаќинствата во еврозоната и во ЕУ е зголемена за 4.3 отсто во споредба со четвриот квартал од 2019 година. Највисоко зголемување е забележано во Белгија, Данска, Холандија, а најниско во Полска, Шведска и Чешка.

За сите, освен за две земји-членки, зголемувањето на стапката на заштеда се објаснува со силното намалување на индивидуалните трошоци.

Падот на индивидуалната потрошувачка на домаќинствата е најизразен во Италија, Шпанија и Белгија, по што следи Франција. Истовремено, бруто доходот варирал, зголемувајќи се во Полска, Данска, Чешка, Ирска, Холандија и Финска, а намалувајќи се во Шпанија, Италија, Португалија, Германија и Австрија.