Белорускиот претседател Александар Лукашенко се закани дека ќе ги протера странските новинари кои ги обвини за поттикнување протести против него, пред одржувањето на претседателските избори закажани за во август и ги повика да се фокусираат да пишуваат за жетвата, наместо за протестите, пренесува хрватски „Индекс“.
Лукашенко се соочува со најголемиот предизвик во своето владеење. Во земјата расте револтот поради неговиот одговор на пандемијата со коронавирусот, економските последици и кршењето на човековите права. Двајца негови главни противници за изборите се во затвор, а дискфаливикуван е уште еден кандидат за претседателските избори, што ја натера опозицијата да ја насочи поддршката околу сопругата на еден од кандидатите.
„Тие повикуваат на немири. Зошто го толерирате тоа?“, рече Лукашенко на состанокот на владата и ги обвини медиумите за организирање протести.
„Нема потреба да се чека крај на изборната кампања. Избркајте ги од овде ако не ги почитуваат нашите закони и ги повикуваат луѓето на Мајдан“, рече Лукашенко.
Лукашенко ги обвини опозициските демонстранти дека сакаат да го соборат од власт на ист начин како украинскиот претседател Виктор Јанукович на протестите во 2014 година.
Тој ги повика новинарите да го свртат вниманието кон други теми.
„Нека одат на полињата каде се води вистинска битка денес, битка за жетвата. Треба да ги фотографираат комбајните. Раскажете ни за тие обични луѓе, напорни работници кои ја хранат нашата земја. Сите утре ќе трчаат во продавниците да купат парче леб за себе, за своите деца, роднини и пријатели“, рече Лукашенко.
Минатата недела полицијата уапси стотици луѓе откако граѓани излегоа на протест за да се спротистават на одлуката на Централната изборна комисија за дисквалификација на двајцата водечки опозициски кандидати за претседателските избори.
Според активистите за човекови права, повеќе од 1.100 луѓе, вклучително и новинари се уапсени од почетокот на изборната кампања.
Протести во Белорусија по дисквалификацијата на двајцата ривали на претседателот Лукашенко