Со изложба и крводарителска акција Црвен крст ќе го одбележи Денот на солидарноста -26 јули

Со изложба и традиционалната крводарителска акција, Црвен крст на град Скопје ќе го одбележи 26 јули-Денот на солидарност, како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје и покажаната солидарност.

Крводарителската акција ќе се реализира на 24 јули (петок) во ДХО Даре Џамбаз во периодот од 09:00 до 17:00 часот.  Покрај Црвен крст на град Скопје, во  организација на  крводарителската акција се вклучува Општинската организација на Црвен крст Кисела Вода, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина.

Истиот ден е најавено и поставување изложба на фотографии од наградуваниот авторот Виктор Лакен, кој за Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина ги изработи делата со наслов „Здравствена заштита за спасување живот на луѓето кои се во движење на Балканот“. Изложбата ќе биде поставена на Ул. „Македонија“, а волонтерите на Црвен крст ќе стојат покрај фотографиите, и на сите минувачи, со почитување на сите протоколи за заштита и самозаштита, ќе им ја објаснат приказната за секоја фотографија.

Од Црвен крст на град Скопје најавија и доделување благодарници на соработници и поддржувачи, во знак на покажана солидарност и поддршка на ранливи категории во време на пандемијата од Ковид-19.