Светската здравствена организација (СЗО) објави дека ќе собере научници и експерти од повеќе области за борба против дезинформациите, релативно новата опасност по јавното здравство.
Математичари, интернетчии, психолози, здравствени и комуникациски експерти ќе бидат дел од проектот, најави СЗО на крајот на редовната конференција за медиуми, не навлегувајќи во детали.
Соработката ќе биде насочена на новата област на истражување која СЗО ја нарекува „инфодемиологија“.
Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди на почетокот на пандемијата на „инфодемијата“, поплавата од информации, дезинформации и вознемирувачки теории на заговори.
Инфодемиологијата проучува како најдобро да се справи со таа закана.
Точни или неточни, прекумерните количества информации можат да имаат негативно влијание врз здравјето на луѓето, да го зголемат стресот и да ги поттикнат да прифатат потенцијално опасни совети, наведе СЗО.
„Никогаш не било појасно дека комуникацијата е важна интервенција за јавното здравство која придонесува на контролата на пандемијата, со епидемиологијата, вирологијата и клиничката практика“, кажа Гебрејесус.
Нејасните и залажувачки информации можат „да ја загрозат довербата“ во здравствените власти, предупреди агенцијата на ОН.
„Најштетниот аспект на инфодемијата беа погрешните и залажувачки информации кои ги изнесуваат играчи надвор од здравствената област. Тоа доведе до ширење на опасни и неосновани тврдења“, соопшти СЗО.