На денешното сослушување во обвинителство, 41 годишниот Г.Б. од Панчево призна дека за време на граѓански протест го нападнал и удрил со боксирач во глава новинарот Војислав Милованчевиќ од порталот „Нова.рс“, кој во тој момент известувал од протестот. Напаѓачот со договор за признавање вина е осуден на една година куќен затвор, пренесува „Нова.рс“.
Како што појаснија од Првото основно јавно обвинителство, санкцијата за ова дело им делува адекватно со оглед на фактот дека обвинетиот можел да не ја признае вината, поради тоа што, ако обвинетиот негирал, прашањето е што би се случило, затоа што новинарот изјави дека не може да го препознае.
„Тој знае дека бил во група, но не би можел да го препознае како личност која го удрила. Нема видео-снимка на која се гледа моментот на ударот, така што, обвинетиот да изјавеше дека не е тој, прашањето е што би се случило. Од обвинителски агол, ова испадна добро. Го призна делото и ќе биде во куќен затвор една година“, изјавено е за порталот „Нова.рс“ во Првото основно јавно обвинителство, непосредно пред одлуката.
Потоа, судот го прифати предлогот на обвинителството, т.е. Г.Б. во наредните година дена да биде во куќен затвор.
По договорот за признавање вина, Милованчевиќ вели дека чувствата му се помешани, и дека истовремено е, и не е задоволен со пресудата.
„Ова не е казна ефективен затвор, туку куќен, и тој од време на време ќе може да излегува надвор. Што се однесува на сторителот, можам да кажам дека во следните денови веројатно ќе дознам на кој начин тој е откриен, со оглед на тоа што кога бев нападнат и свртен со грб, не можев да видам кој е тој што ме удри, но во секој случај очигледно паѓаат во вода моите приказни дека станува збор за момци кои имаат 20 години, и дека полицијата и обвинителството биле на траг на нешто, што јас не можев да го знам“, рече Милованчевиќ.
Тој смета дека ова е охрабрувачки, затоа што се праќа порака до сите колеги дека сепак ќе бидат казнети оние кои напаѓаат новинари и ги спречуваат да ја работат својата работа.
„Во таа смисла, драго ми е што е пресудено, и што дотичниот е казнет на една година куќен притвор. Се тоа што се случуваше не ме поколеба, ниту ме уплаши. Ќе продолжам да ја работам својата работа, како што ја работев досега“, вели Милованчевиќ.
Во разговор за Радио МОФ, Милованчевиќ претходно изјави дека овој напад ја зајакнал неговата намера да известува за вистинската состојба на работите и да не се откажува. Тој беше само еден од бројните новинари кои беа нападнати од демонстрантите и полицијата, за време на протестите кои се случуваа во Белград, но и ширум Србија.