Судан ја укина смрната казна и камшикувањето за геј секс, со што, како што велат активистите, направен е првиот чекор на оваа проблематика.
Според стариот Закон за содомија, за геј мажите првостепена казна била 100 удари за камшик, второстепена казна била 5 години затвор, а како третостепена казна била смртната казна.
Според новиот закон, геј сексот ќе биде казнуван со петгодишна или доживотна казна затвор.
Одлуката за укинување на смртната казна и камшикувањето било поздравено од активистите кои предупредија дека геј заедницата се’ уште се казнува со затвор во северно африканските земји.
„Овие амандмани не се доволни, но тие се одличен прв чекор за транзициската влада која се труди да воведе промени. Сега сме сведоци на позитивна промена на патот кон реформите“, истакналa Нор Султан, основачка на групата за ЛГБТИ+ правата во Египет и Судан.
Останатите го критикувале укинувањето на конзервативниот закон, укинат од страна на новата суданска влада која минатата година ја презела власта од автократот Омар ал-Башир, кој владеел со Судан од 1989 година.
Ваквиот амандман бил дел од неколку најавени реформи од страна на министерот за правда, а реформите најавувале декриминализација на апостазијата, напуштање на религијата, дозвола за козумирање на алкохол кај муслиманите – реформи кои треба да направат прогрес после 40 години живеење според исламистички политики.
Истовремено, министерот најавил и криминализирање на осакатувањето на женските гениталии, како и дозвола жените самостојно да патуваат со своите деца, без потврда од машки фамилијарен член.
Султан истакнала дека владата била дискретна за укинувањето на смртната казна кај геј мажите и дека амандманскиот документ не детализирал за што точно бил Законот за содомија.
„Сметам дека општеството не сака да ги прифати ваквите промени, но се надевам дека владата ќе го продолжи својот пат кон реформите“, додала Султан.
Фабо Елбарадеи, ЛГБТ+ активист од главниот град на Судан, Картум, го поздравил изненадниот потег за укинување на смртната казна, истакнувајќи дека ваквата промена нема многу да го промени животот на геј луѓето во Судан.
„Ние сме мета на социјална дискриминација и се соочуваме со затворска казна само врз база на тоа што сме. Уште сме лишени од нашето право да живееме како сите други членови на општеството“, изјавил тој.
Членовите на владата не ја искоментирале својата одлука.
Истополовите врски се нелегални во поголемиот дел од Африка и Блискиот исток.
Според „Хјуманс Рајтс Воч“, повеќе од 70 земји во светот имаат воведено закони со кои се криминализираат релациите помеѓу истополови, возрасни и согласни единки.
Извор: Independent