Градскиот совет во Мадрид распиша тендер за формирање шумски појас долг 74 км околу градот, каде ќе се засадат стотици илјади нови дрвја што ќе помогнат во подобрување на лошиот квалитет на воздухот во шпанската престолнина, објави „Д локал“.
Мадридските власти во тендерот бараат развивање на огромен „еколошки појас“ составен од 100.000 до 450.000 дрвја, нови паркови и места за одмор, па дури и зелени мостови над некои од главните автопати во градот.
Шумата е наречена „El Bosque Metropolitano“ или „Шума на метрополата“, а според заменик-градоначалникот Бегоша Вилачи може да биде „најголемата зелена инфраструктура што треба да се изгради во Европа во следната деценија“.
Тендерот ќе се реализира првично со средства од ЕУ во висина од 4,1 милиони евра кои ќе бидат доделени на избраниот инвеститор.
Вкупниот буџет за 600 хектари колку што е планирано да биде овој појас, се очекува дека ќе изнесува 75 милиони евра, од кои 16 милиони евра веќе ги има на располагање градот Мадрид.
Главниот град на Шпанија веќе е дом на два големи парка – Ел Ретиро и Каса де Кампо – и нуди 22,83м2 зелен простор по жител (над препорачаниот праг на СЗО од 10-15м2 / жител).
Но, Мадрид со години се соочува со лош квалитет на воздухот, пред се поради високите нивоа на сообраќај.
Мадридските власти веруваат дека новата шума би можела да помогне во прочистувањето на воздухот од загадувачките честички, да ги намали емисиите на гасови во целост и да дејствува како термички регулатор за градот со решавање на ефектот „градски остров на топлина“.
Од социјална гледна точка, проектот ќе донесе повеќе зелени места во делови од Мадрид, каде што во моментот има недостиг, како што е југот и всушност ќе го поврзе целиот град преку зелен прстен што ќе се протега наоколу.
Планот е да бидат засадени низ ендемични дрвја, како што се дабови, борови или тополи, па дури и мостовите што се движат над прометните автопати ќе станат екодукти, зелени мостови со дрвја и зеленило кои ќе му овозможуваат на дивиот свет безбедно да премине од едната на другата страна.
Мадридските власти се надеваат дека до моментот на завршување на проектот, за кој се проценува дека ќе е готов за 12 години, шумата ќе има капацитет да апсорбира 170.000 тони СО2.