Израелците протестираа во костими за капење пред резиденцијата на премиерот Нетанјаху

Стотици луѓе по трет пат неделава протестираа пред резиденцијата на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, барајќи негова оставка, поради тоа што е обвинет за корупција, пренесува српски „Н1“.

Многу демонстранти дојдоа во костими за капење, носејќи пешкири за на плажа, поради одлуката на Нетанјаху да ги затвори плажите почнувајќи од следниот викенд. Тие велат дека владата не само што е корумпирана, туку е и хаотична и неспособна, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Доаѓа цунами“ и фотографии од мртви риби со натпис „Мирис на корупција“.

Организаторите исто така посочија и дека протестираат против плановите на владата за воведување на дополнителни ограничувања за време на викендот и за спречувањето собири, како дел од напорите да се запре ширењето на коронавирусот.

Овој викенд нема да има нови ограничувања на движењето, а плажите ќе бидат отворени под услов да се почитуваат мерките за физичко растојание. Сепак, построги мерки се планирани за од 24 јули, вклучително и ограничување на движењето, а плажите ќе бидат затворени за време на тој викенд, пренесуваат израелските медиуми.

Судскиот процес против Нетанјаху во кој е обвинет за измама, злоупотреба на службената должност во три случаи, вклучително и мито во еден од нив, продолжува во недела. Израелскиот лидер негира дека направил нешто лошо и ја обвинува полицијата, судството и медиумите дека водат „лов на вештерки“ против него.