Ширум Белорусија вчера стотици граѓани излегоа на протести спротиставувајќи се на одлуката за дисквалфикација на двајцата водечки опозициски кандидати за претседателските избори кои се најавени за 9-ти август, јавува „Би-Би-Си“.
Изборната комисија во Белорусија ги отфрли апликациите на главните ривали на претседателот Александар Лушанеко, Валериј Цепкало и Виктор Бабарико.
Одлуката на комисијата предизвика протести во главниот град Минск, а се протестираше и во Гродно, Гомел и Брест.
„Ние сме категорично за чесни и фер избори“, рече еден демонстрант во главниот град за новинската агенција „Ројтерс“.
Повеќе од 35 луѓе биле уапсени за време на протести, меѓу кои и неколкумина новинари, соопштија од Организацијата за човекови права „Вијасна“.
Изборната комисија вчера соопшти дека има проблеми со апликациите на Цепкало и Бабарико. Поранешниот банкар Бабарико, кој се сметаше како најсилен противкандидат на Лукашенко, е изоставен од можноста да учествува на изборите поради кривично пријава против него.
Апсењето на Бабарико минатиот месец поради сомнеж за перење пари ги извади граѓаните на улица, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен апсењето го нарече „политички мотивирано“.
Апликацијата на другиот противкандидат Цепкало кој е и поранешен амбасадор во САД била одбиена поради тоа што не ги собрал потребните 100.000 потписи за учество на изборите, соопштија од комисијата.
Цепкало и Бабарико велат дека планираат да поднесат жалба против ваквата одлука. Делегацијата на Европската унија во Белорусија соопшти дека одлуката на комисијата „го поткопува целокупниот интегритет и демократската природа на изборите“.