Парламентарни избори 2020: Отворени сите избирачки места, излезност од 5,19 отсто до 9 часот

Сите гласачки места утрово се отворени навреме и процесот на гласање се одвива непрекинато и без проблеми, а до 9 часот вкупно гласале 94167 гласачи, односно 5, 19 отсто од граѓаните, соопшти портпаролот на Државната изборна комисија, Адмир Шабани  на прес конференцијата за парламентарни избори кои се одржуваат денеска.

И од граѓанската асоцијација МОСТ, која го следи денешното гласање со 900 набљудувачи, на 696 гласачки места, соопштија дека не забележале проблеми на почетокот на гласањето.

„Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање. Гласањето се одвива безбедно, согласно здраствените протоколи“, стои во нивното соопштение.

Денеска во земјава право на глас имаат 1 814 263 гласачи кои можат да гласаат на 3 480 избирачки места, за кандидатските листи на 15 коалиции и партии. Гласањето кое почна во седум часот, ќе трае до 21 часот. За првпат во македонската историја се гласа во среда, место во недела, паралелно со посебен протокол за заштита од новиот коронавирус.

Ова се и најдолгите избори во македонската историја, кои траат три дена. Вчера, на вториот ден од гласање своето избирачко право го искористија нешто под 10 000 гласачи, а право на глас имаа болните и немоќни (8.855 регистрирани гласачи), лицата во старските домови (357) и затворениците (1.657 запишани гласачи).

Завчера пак гласаа 723 заболени од Ковид-19 или лица во домашна изолација.