Српките студенти остануваат во домовите – бараат нови рокови за полагање и бесплатно тестирање за коронавирус

Студентскиот парламент на Универзитетот во Белград соопшти дека постигнале договор со српскиот министер за образование Младен Шаршевиќ студентите да не бидат иселени од студентските домови, откако синоќа голем број студенти започнаа протести против ваквите најави.

Од Студентскиот парламент најавија дека на следната седница на Универзитетот ќе предложат усвојување на задолжителен дополнителен рок за полагање на сите факултети.

„Студентите кои се заразени ќе имаат можност да полагаат дополнителни испити од роковите што ги пропуштиле, за кои ќе се залага Министерството. За средношколците кои ќе го пропуштат приемен испит, ќе се донесе одлука во наредниот период, Министерството бара начин за исполнување на ова барање“, информираат од Студентскиот парламент.

Тие информираат дека засега 49 студенти сместени во студентски домови во Белград се заразени и изолирани во посебни установи. Но, и понатаму чекаат одговор за продолжување на периодот на престој во студентските домови. Тие доставиле список со испитните термини во јули за сите факултети на Универзитетот во Белград.

Утрово, студенти повторно излегоа на протест, овој пат пред Филозофскиот факултет во Белград каде меѓудругото побараа и да им се обезбеди бесплатно тестирање за коронавирус, како и укинување на школарината за следната година за оние кои се самофинансираат и дополнителни рокови за испит.

Претставникот на организацијата Студентски фронт, Милош Каравејчиќ, рече дека собирот е организиран со цел да се покаже дека никој не смее да ги понижува студентите со лажни ветувања, затоа што сите молчеле кога биле протерани од своите домови оваа пролет, пренесува Н1.

„Ние не ги даваме нашите домови, кои беа изградени од нашите родители, тие не припаѓаат на Александар Вушиќ и на Владата, тие не можат да нè истераат“, рече тој.

Каравеџиќ рече дека е формиран штрајкувачки комитет „така што разни лажни претставници на студентски организации, блиски до властите, нема да одлучуваат во име на студентите“.

Иако беше најавено дека студентите ќе маршираат до Владата на Србија, за да ги достават барањата, тие се откажаа и рекоа дека очекуваат одговори на нивните барања во рок од три дена.

Ректорката на универзитетот во Белград, Иванка Поповиќ, им се обрати на студентите откако ги прими нивните барања, велејќи дека очекува целосно да се реализира јунската испитна сесија со почитување на сите мерки за заштита и дека ќе бидат достапни домовите додека студентите го полагаат испитот.

Таа рече дека одржувањето на домовите е во доменот на министерството, но дека она што се однесува на Универзитетот, сè што е можно ќе биде направено.

„Ние сме тука за да ве поддржиме, затоа дојдов. Не можам да гарантирам нешто што не е во моја надлежност“, рече Поповиќ.

Револтот меѓу студентите започна откако претседателот на Србија Александар Вучиќ на државната телевизија „РТС“ најави дека сите студентски домови ќе бидат затворени, во рамки на заострувањето на мерките за сузбивање на коронавирусот.