Зголемено нивото на радијација во Северна Европа, изворот сè уште непознат

Нордиските власти соопштија дека детектирале мало зголемување на нивото на радиоактивност во Северна Европа за што Холандските власти велат дека изворот можеби доаѓа од Западна Русија, јави „Асошиејтед Прес“ пред три дена.

Но, руската новинска агенција „Тасс“, ја пренесе изјавата на портпаролот на државниот нуклеарен оператор „Росенергоатом“, кој изјави дека двете нуклеарни централи на северозападниот дел на Русија не пријавиле никакви проблеми.

Нуклеарната електрана „Ленинград“ која се наоѓа во близина на Санкт Петерзбург и електраната „Кола“ во близина на градот Мурманск, „функционираат нормално, а нивото на радијација е во нормалните граници“, пишува „Тасс“.

Финските, норвешките и шведските тела задолжени за следење на радијацијата и нуклеарна безбедност соопштија дека неделава забележале мали количини на радиактивни изотопи безопасни за луѓето и околината во делови од Финска, јужна Скандинавија и Арктикот.

Шведската агенција за радијациска безбедност соошти дека „сега не е можно да се потврди што може да биде причината за зголеменото ниво“ на радиоактивност, ниту од каде доаѓа облак, или облаци, кои содржат радиоактивни изотопи. Нивните колеги од Финска и Норвешка исто така не шпекулираат за потенцијален извор.

Но, Националниот институт за јавно здравје и животна средина во Холандија соопшти дека ги анализирале податоците од нордиските држави и таквите пресметки покажуваат дека радиоактивните изотопи доаѓаат од правец на Западна Русија.

„Асошиејтед Прес“ денеска извести дека Меѓународната агенција за атомска енергија соопштила дека се уште не е познат изворот за зголеменото ниво на радијација и дека истото не претставува ризик за човековото здравје или околината.