Под слоганот „Жолт картон за системот“ и „Младите животи вредат“ група граѓани за утре најавуваат протестен марш револтирани од висината на пресудата со која судот го казни лицето кое минатата година го уби 17-годишниот Никола Христовски – Кољо.
Според најавите на социјалните мрежи протестот ќе започне од 18 часот, пред Министерството за правда, организаторите соопштуваат дека присутните треба да ги почитуваат сите препораки и мерки за заштита.
„Ќе се бориме се додека нашите барања не се остварат. Сѐ додека не ја добиеме потребната правда. За Никола Христовски – Кољо, но и за секој еден млад живот кој утре може да се најде во слична ситуација. Ве повикуваме, во вторник, да се собереме уште помасовно. Сите заедно, да маршираме и да се избориме за правда. Да пратиме порака до сите кои треба да не слушнат. Уште еднаш, да им покажеме на институциите дека сме незадоволни од пресуди со кои убијците добиваат минимални казни. Незадоволни сме од селективната правда и корумпираното судство. Да им покажеме дека ќе излегуваме, ќе го искажуваме нашиот револт на улиците, се додека правдата не биде задоволена“, велат организаторите на протестот.
Ова е втор протест на групата „Повик за правда“. Минатата недела стотици граѓани излегоа на протестен марш бидејќи сметаат дека затворската казна од три години, која ја доби убиецот на младиот Христовски, е премала.
Од Кривичниот суд по минатонеделниот протест соопштија дека за кривичното дело „убиство во миг“, за што беше обвинет 18-годишниот сторител на убиството, според законот е предвидена казна од 1 до 5 години.
Инцидентот во кој беше убиен младиот Христовски – Кољо се случи минатата година, на 14 август, во скопската населба Ново Лисиче по расправија меѓу група тинејџери која се претворила во физичка пресметка.