Во март, македонските граѓани потрошиле 10,1 милиони евра онлајн во домашните е-продавници

Податоците кои ги објави Народната банка на Република Северна Македонија покажуваат дека во март, со почетокот на кризата поради коронавирусот во земјава, бројот на онлајн трансакции од страна на физички лица во македонските е-продавници се зголемил за 99% во однос на март минатата година.

Годинава реализирани се вкупно 367.535 трансакции, за разлика од претходната година кога биле реализирани 184.652 трансакции, посочуваат во нивната анализа од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

„Пандемијата со корона вирусот влијаеше кон промена на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето наместо кон странски земји го пренасочија кон домашни е-продавници. Влијание кон ова секако има и затворањето на границите и комплексноста која се појави со доцнењето со испорака на производи купени од странство, како и стравот од нарачка на производи кои потекнуваат пред се од земји кои беа со голем број на заразени од вирусот Ковид-19. Имено, во текот на првите три месеци од 2020 година македонците со домашни картички кон македонски е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5%) во однос на истиот период претходната година“, објаснува Филип Чижбановски, в.д. претседател на Асоцијацијата и автор на анализата.

Доколку се земе вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во Северна Македонија, во текот на месец март 2020 година се потрошиле 10,1 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании кои продаваат онлајн, за разлика од 5,2 милиони евра во текот на месец март 2019 година. Станува збор за раст од 94,2%.

Чижбановски објаснува дека македонските граѓани во текот на првите три месеци од 2020 година стекнуваат повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките.

„Ограничувањата на движењето кое беше на сила од средината на март, зголемениот број на новоотворени онлајн продавници во Северна Македонија, а со тоа и поголемата понуда на производи и услуги онлајн од страна на домашните компании, износот на трансакции кон домашните е-продавници пораснал во однос на странските е-продавници. Конкретно, 59,4% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија останале во земјава, додека 40,6% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во странство“, додава Чижбановски.